Трамп: САД се повлекуваат од Договорот за ликвидирање на ракети од среден дострел

125
ФОТО: EPA-EFE / MICHAEL REYNOLDS

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека САД ќе се повлечат од Договорот со Русија за ликвидирање на ракети од среден дострел, затоа што, како што рече, Москва ја прекршува спогодбата.

– Русија го крши Договорот. Тие го кршат со години. САД нема да им дозволат и натаму да го кршат нуклеарниот договор, изјави Трамп на митинг во градот Елко во американската сојузна држава Невада, во пресрет на изборите за Конгресот на САД на 6 ноември.

Договорот е склучен во 1987 година меѓу САД и тогашниот Советски Сојуз, чиј правен наследник е Русија. Со него се предвидува забрана за производство, тестирање и распоредување на нуклеарни и конвенционални ракети со дострел од 500 до 5.500 километри што се лансираат од земја.

Трамп истакна дека овој Договор ги ограничува САД да развиваат ново оружје, па затоа Вашингтон повеќе нема да го почитува, освен ако Русија и Кина не се согласат на склучување нова спогодба со која ќе се обврзат дека нема да поседуваат или развиваат вакви ракети.

САД ја обвинуваат Русија дека со развојот на ракетниот систем 9М729 го крши Договорот за ликвидирање на ракетите од среден дострел.

Најавата на Трамп за повлекување од Договорот доаѓа во пресрет на денешната посета на неговиот советник за национална безбедност Џон Болтон на Москва

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...