Помошникот државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на САД Вес Мичел изјави дека американските ривали го прошируваат своето политичко, воено и трговско влијание низ целиот Балкан.
Стејт департментот синоќа соопшти дека оваа порака Мичел ја кажал на конференцијата на Атлантскиот совет одржана во Вашингтон, на која тој потсетил дека следната година се одбележува три децении од крајот на комунизмот во Европа, додавајќи дека денес има нов натпревар за влијание во светот.
– Денешното геополитичко надметнување силно се чувствува во Централна и Источна Европа. Од Балтикот до Јадранското Море, низ целиот Балкански Полуостров и преку Кавказ соперниците на Америка, го прошируваат своето политичко, воено и трговско влијание. Русија повторно е воен фактор во овој регион по инвазијата на Грузија и Украина. Далеку од својата граница, во земјите во Централна Европа, Русија користи манипулативна енергетска тактика, ја користи корупцијата и пропагандата за одвнатре да ги ослабне западните нации и за да ги поткопа нивните врски со САД – рече Мичел.
Тој истакна дека по првпат во историјата, Кина стана голем играч во Централна и Источна Европа, наведувајќи дека Пекинг ја користи дипломатијата на „должничка книга“ за да акумулира инфраструктура и за да ги натера малите нации на отстапки.
– Оваа тактика е одраз на кинеското однесување на меѓународно ниво, каде што Пекинг е ангажиран во нефер трговски практики кои вклучуваат кражби на ИП адреси, економска шпионажа и дампинг цени- рече Мичел.
Тој потсети дека во 2008 година, Кина инвестирала помалку од една милијарда долари во Европа, а во 2017 година кинеските странски директни инвестиции во Европа изнесуваа 42 милијарди долари, а вкупните инвестиции 318 милијарди долари. Во последниве години, додаде Вес Мичел, Кина презеде контрола на над 360 европски компании и сега поседува или контролира речиси една десетина од вкупните пристаништни капацитети во Европа.