Грчката опозициска партија Нова демократија, преку портпаролката и европратеничката, Мариа Спираки, бара од владата да ја објави оставката на Коѕијас за „сите Грци да се информираат што точно се случило“.
-Господинот Ѕанакопулос ја карактеризираше оставката на господинот Коѕијас како несфатлива. Господинот Коѕијас од негова страна, вели дека има причини. Владата треба итно, сега, да го објави писмото со оставката на господинот Коѕијас за сите Грци да се информираат што точно се случило, вели Спираки.
Како што претходно јави дописничката на МИА од Атина, поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, доцна синоќа по завршувањето на состанокот на политичкиот секретаријат на неговото движење на идеи и активности Прато, на новинарите им рече да побараат од Ципрас да ја објави неговата оставка која што е на 9 страници.