И по десет години од почетокот на глобалната криза, проблемот на нефункционалните кредити сѐ уште има големо значење во глобални рамки, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска.
Таа се обрати на семинарот „Справување со нефункционалните кредити во ЕУ: регулаторни и супервизорски активности“ што се одржува во организација на Европскиот банкарски орган и Европската банка за обнова и развој, чиј домаќин е НБРМ.
Ангеловска – Бежоска потенцираше дека правилното справување со овој проблем и развивањето на механизми за превенција се исклучително важни за непречено функционирање и раст на активноста на банките.
Меѓудругото, Ангеловска – Бежоска се осврна и на македонското искуство, потенцирајќи го релативно пониското ниво на нефункционални пласмани во однос на регионот.
Причините за тоа, како што посочи, се отсуството на прекумерен кредитен раст во пред-кризниот период, малото потпирање на банките на надворешно финансирање и многу важно, прудентната регулаторна рамка. И покрај фактот што овој проблем во Македонија не е изразен како во други земји, гувернерката ја нагласи свесноста за потребата од располагање на механизми за превенција.
Токму од оваа причина, како што велат од НБРМ, во тек е и заокружувањето на „Стратегијата за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните кредити”, како меѓуинституционална и систематизирана рамка за решавање и спречување на проблемот на нефунционални пласмани.
Имајќи го предвид негативното влијание што го имаат нефункционалните кредити врз работењето на банките во меѓународни рамки, на семинарот ќе бидат презентирани најзначајните активности преземени во рамки на ЕУ за решавање на нефункционалните кредити, како од аспект на промените (предлозите за промени) во постојната банкарска регулатива, така и во поглед на супервизрските активности за справување со сеуште високиот износ на нефункционални кредити кај кредитните институции во ЕУ, се наведува во соопштението од НБРМ.
На семинарот ќе бидат презентирани и искуствата на неколку земји од регионот во решавањето на нефункционалните кредити.
Преку размената на искуствата и согледувањата стекнати во процесот на решавање на нефункционалните кредити, како што посочуваат од НБРМ, ќе се овозможи натамошно зајакнување на овој процес во одделните земји, но и усогласен пристап во идните активности што треба да се преземат заради натамошно справување со проблемите предизвикани од поголемото присуство на нефункционални кредити.
На семинарот ќе присуствуваат претставници на регулаторните и супервизорските органи од Албанија, Словенија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Република Српска и Македонија.