Во четврток (25.октомври), Скопје ќе добие нов културен простор кој ќе функционира како место за изложби, ивенти, работилници, базари, презентации, перформанси, проекции на филмови, театарски претстави, итн.
Галеријата „Колектив“ се наоѓа во просториите на старата стоковна куќа „Нама“, денешна „Сити галери“, поточно, на градскиот плоштад, над бар и ресторан „Колектив“.
Jа отвараат Горазд и Стефани Христов, млада уметничко-брачна двојка чии дела ќе бидат и првите кои ќе можат да се видат во овој нов културно-уметнички простор.
Станува збор за нивната прва заедничка изложба насловена како „Dysfunction of progress“. Изложбата ќе биде составена од скултури, фотографии и видео. Горазд Христов е дипломиран скулптор и ова е негова втора изложба. Стефани Павловска Христов е дипломиран графички дизајнер и фотограф и веќе неколку години се занимава со фотографија и видео. Работи модна фотографија, но и косплеј фотографии, како и хорор и фотографии со субреална димензија.
Скулпторот Христов е препознатлив по маските маски кои беа дел од неговата прва самостојна изложба „Face Off“. Станува збор за отисоци од ликови на стотици негови другари, пријатели, роднини и познаници. Исто така, автор е и на голем број инсталации во рамките на неколку манифестации (Баскерфест, „Звуците на културата“).
Стефани е позната по својот бренд PS visualart кој го изгради во текот на своето досегашно работење, најмногу како модна фотографка.