Германско обвинителство: Киднаперот во Келн имал исламистички мотиви

70

Германското Јавно обвинителство денеска соопшти дека постојат докази оти Сириецот, кој во понеделникот киднапираше жена на главната железничка станица во Келн, имал радикални исламистички мотиви.

Главниот федерален обвинител соопшти дека сведоците изјавиле оти киднаперот, идентификуван како Мохамад А.Р., се изјаснил дека е член на терористичката организација Исламска држава и дека сакал да замине и да се приклучи на групата во Сирија.

– Според тоа што го знаеме до сега, има доволно докази дека тој чин имал радикален исламистички мотив – изјави обвинителот.

Германската полиција вчера соопшти дека киднаперот е во кома, откако беше застрелан неколку пати, но е надвор од животна опасност.

Сторителот истурил запаллива течност на подот од објект за брза храна во рамки на железничката станица и ја запалил. Едно 14-годишно девојче, кое се обидувало да избега од огнот, паднало и се здобило со тешки изгореници.

Осомничениот е обвинет за обид за убиство и предизвикување тешки телесни повреди.

Жената, пак која беше киднапирана, е полесно повредена.

Обвинителството истражува дали Сириецот навистина го извршил нападот во име Исламската држава или друга терористичка организација и дали имал соучесници.

Железничката станица во Келн, која е една од најголемите во Германија, во понеделникот беше затворена и евакуирана поради заложничката криза, која почна во 12 часот и 45 минути по локално време. Исто така, беше блокиран и плоштадот зад станицата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...