Со усвојувањето на оваа декларација, Република Македонија официјално од денеска се приклучува кон земјите кои веќе ја имаат потпишано оваа декларација: Шведска, Словенија, Ирска, Белгија, Грција, Романија, Црна Гора и Албанија. Веродостојните статистики се неопходен услов за креирање одржливи политики и научни истражувања базирани врз докази и добра функционална демократиј. Ова го рече премиерот Зоран Заев во обраќањето на Денот на европската статистика.
– Во таа смисла кредибилитетот на Националниот статистички систем е еден од неопходните услови за доверба во мерките и политиките што ги усвојува и ги спроведува Владата, но и за научните анализи, истражувања и трудови кои произлегуваат од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и другите научно-образовни установи – рече премиерот Заев во своето обраќање.
Генералната директорка на Евростат, Мариана Коцева зборуваше за важноста од потпишување на оваа декларација и за кодексот за работа на европската статистика и значењето од неговото почитување.
– Оваа декларација за посветеност кон довербата ќе им даде на граѓаните неопходни гаранции дека статистичките податоци произведени од Државниот завод за статистика се целосно објективни и непристрасни, и исто така произведени во согласност со најдобрите меѓународни практики”, истакна генералната директорка на Евростат – Мариана Коцева.
Министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање зборуваше за националниот статистички систем на Република Македонија и неговата усогласеност со европскиот статистички систем. Тој истакна дека во изминатата година е подобрен квалитетот и транспарентноста на податоците за буџетот. Тој посочи дека Министерството за финансии, како дел од Националниот статистички систем, активно работи на подобрување на квалитетот и достапноста на статистичките податоци кои ги произведува.
– Едно значајно достигнување беше изработката и доставувањето на податоците за извршувањето на буџетот во годишната база на ММФ за владина финансиска статистика. Македонија за првпат достави вакви податоци – рече Тевдовски и дополни дека Министерството заедно со Народната банка и Заводот за статистика континуирано работи на усогласување со европските практики.