Државниот завод за статистика денес претставува синоним за независна институција која постојано ги унапредува и модернизира своите истражувачки процеси и методологии согласно европските пракси и стандарди, изјави премиерот Зоран Заев на одбележувањето на Европскиот ден на статистика откако ја потпиша Декларацијата за посветеност на довербата во официјалната статистика.
Тој потенцира дека веродостојните статистики се неопходен услов за креирање одржливи политики и научни истражувања базирани врз докази и добра функционирална демократија.
– Во таа смисла, додаде, кредибилитетот на националниот статистички систем е еден од неопходните услови за доверба во мерките на политиките што ги усвојува и спроведува Владата на РМ, но и за научните анализи, истражувањата и трудовите што произлегуваат од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и другите научно образовни установи – рече Заев.
Директорот на Државниот завод за статистика порача дека статистичките податоци не се само обични бројки, тие се патоказ за креирање на подобро утре.
– Денес статистичките податоци претставуваат патоказ и средства за креирање на тоа подобро утре за кои сме одговорни сите во својот делокруг на работењето- рече Симовски.
Директорката на Евростат посочи дека лично верува во моќта на објективна статистика што може да го направи светот подобро место.
– Статистиката ни овозможува да донесуваме и формираме одлуки што ја обликуваат нашата иднина, нашите животи без оглед каде живееме, дали е тоа Скопје, Луксембург – рече Коцева.
Декларацијата со усвојувањето се приклучи на земјите кои веќе ја имаат потпишано како што се Шведска, Словенија, Ирска, Белгија, Грција, Романија, Црна Гора и Албанија.