Јавното претпријатие „Водовод“ Куманово започна со замена на старите и поставување на нови електронски водомери, соопштија денеска надлежните од претпријатието.
Замената на водомерите се реализира во рамки на проектот „Проект за замена и инсталација на куќни, комбинирани, индустриски и ултразвучни водомери и нивна интеграција во систем за далечинско отчитување во системот за водоснабдување на Општина Куманово“, што се спроведува преку средства обезбедени од Европската Инвестициона Банка во вредност од милион 650 илјади евра.
– За намалување на вкупните загуби на вода на прифатливи 15-20 проценти, јавното комунално претпријатие постојано презема административни и технички активности. Како една од најзначајните активности со која значително ќе се подобри и наплатата на испорачаната вода на потрошувачите е преземање соодветни технички мерки за елиминирање на големите неточности во мерењето на испорачаната вода на потрошувачите – изјави директорот на „Водовод“ Горан Стојковски.
Водомерите со радиско отчитување прецизно ја мерат испорачаната вода до крајните корисници, со што се овоможува прибирање и обработка на податоците во софтвер за отчитување, мониторинг и визуелизација. Врз основа на прибраните податоци претпријатието спроведува дневни, неделни, месечни и годишни анализи на потрошувачката и загубата на вода во целата водоводна дистрибутивна мрежа.
– Примената на овој систем директно влијае на намалување на дефектите и загубите на вода, целосно евидентирање на манипулациите на мерилата, што значи огромен бенефит за комуналното претпријатие во смисла на зголемување на приход од реално фактурирана количина на дистрибуирана вода и намалување на трошоците поради зголемување на ефикасноста на човечкиот фактор во работењето – изјави Стојковски.
Како основна мерка за елиминирање на големите неточности во мерењето на испорачаната вода на потрошувачите е имплементација на современа мерна техника, односно исфрлање од употреба на старите водомери и нивна замена со нови со можност за интегрирање во систем за отчитување со радио врска. На ниво на Куманово ќе бидат поставени 10.000 електронски водомери, а во рамките на проектот ќе се набават и гео – корелатори и гео – фонови, универзални електронски уреди за детекција и точно макро и микро лоцирање на дефектите во водоводните мрежи каде водата истекува под притисок и предизвикува звук.
– Новите технологии, поткрепени со ревидирани стандарди и правила придонесуваат за брзо, ефикасно и прецизно решавање на проблемите поврзани со отчитувањето со кои се соочуваат јавните комунални претпријатија и исто така придонесуваат за зголемување на ефикасноста на работењето на претпријатијата, работење во унифициран систем и придонесуваат за намалување на трошоците на самите претпријатија – појаснува Стојковски.