Деновиве Уставниот суд ја извести јавноста дека, по однос на иницијативата поднесена од Левица, донесе одлука со која се укинува членот 14 во делот: „потпретседател на Владата“ од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, соопштија од партијата Левица.
„Со оваа одлука на Уставниот суд, платите на т.н. потпретседатели на Владата се усогласени со уставните одредби и наместо нивната висина да се утврдува по коефициент 4,00 од просечната плата, таа ќе се утврдува по коефициент 3,70, како и за останатите министри. На овој начин од Буџетот на РМ ќе се заштедат околу 10.000 евра годишно.
Цели 27 години т.н. потпретседатели на Владата и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, и од ДУИ и ДПА, иако беа свесни дека Уставот на РМ не ја познава функцијата потпретседател на Владата, молчеа околу ова и не бараа промена на одредбите на соодветниот закон. Зашто, без разлика колку е мала разликата во платата, тоа одеше во нивна корист.
Левица е категорично против политиките на осиромашување на обичниот народ што ги спроведуваат политичките елити на власт и против нивното расфрлање со народните пари. Народот нема да беше толку сиромашен ако го немаше ова расфрлање и ако политиките се водеа во насока на намалување, а не зголемување на сиромаштијата. Левица ја поздравува одлуката на Уставниот суд и ќе продолжи да се бори за интересите на работниците, сиромашните и обесправените и против злоупотребите и привилегиите на елитите на власт.
„Ја информираме јавноста и дека во постапка пред Уставниот суд е уште една иницијатива поднесена од Левица, со која се оспорува уставноста на т.н. нормиран учинок во Законот за минимална плата, а преку кој властодршците сакаат да им овозможат на газдите уште еден начин за заобиколување на исплатата на минималната плата,“ порачуваат од Левица.