Музејот на Македонија утре ќе отвори изложба „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“ која ја организира во соработка со Музејот на африканската уметност од Белград.
Оваа изложба првпат во Македонија ќе претстави африкански експонати, што претходно можеа да се видат само во светските музеи или во документарните филмови. Музејот од Белград во својата обемна колекција има предмети од повеќе народи од Африка. За оваа изложба тие селектираа скулптури, маски и ткаенини што се поврзани со култовите на плодноста и предците, како и со обредите за иницијација и погребувањата.
„Ова е прва можност македонските граѓани да се запознаат со африканските култури и да ги видат мноштвото скулптури и маски што ќе бидат изложени како светско културно наследство“, наведува Музејот на Македонија, кој денеска организира и прес-конференција со повеќе детали за ексклузивната изложба.