Трендот на максимална реализација на средствата од Европската Унија за заеднички проекти за прекугранична соработка ќе продолжи, oценија министерот за локална самоуправа Сухел Фазлиу и бугарската министерка за регионален развој и урбанизам,Петја Аврамова на промоцијата на проектот “Зелени згради за заедничка зелена иднина”, во Благоевград, Бугарија.
На средбата се разговараше за соработката меѓу двете министерства која ќе се одвива во областите на локалната самоуправа, регионалниот развој и територијалната соработка.
– За нас како министерство ова ќе биде значаен чекор кон зајакнување на нашите институционални капацитети во процесот на интегрирање во Европската Унија, особено во сегментите кои што се тесно поврзани со политиките на Унијата. Ќе ни бидат корисни искуствата и добрите пракси на Бугарија во спроведувањето на политиката на регионален развој и територијалната соработка, финансиски поддржана од Европската Унија – рече Фазлиу.
Оценка на двајцата министри е дека трендот на максимална реализација на средствата од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка, ќе продолжи.
Министерот Фазлиу истакна дека Програмата за прекугранична соработка со Бугарија е најуспешна, со сто насто искористени средства од Европската Унија. Тој изрази очекување дека и во вториот програмски перид успешно ќе бидат реализирани 19,5 милиони евра кои што ги имаме на располагање.
– Немаше да биде реализиран ниту еден проект без заедничката соработка меѓу земјите и партнерите од двете страни. Успешноста на програмата се потврди и на последниот јавен повик за проекти. Интересот беше огромен, проекти доставија 375 апликанти, а процесот на нивна оценка и одобрување треба да заврши до крајот на годината. Нашиот следен предизвик е планирањето на новиот програмски период по 2020 година, рече министерката Петја Аврамова.
– Владата на Република Македонија ја цени поддршката што Владата на Република Бугарија и ја дава во клучните моменти. Исклучително важна ни беше поддршката во месеците кога Бугарија претседаваше со Советот на Европската Унија, а и сега, кога нашата Влада прави максимални напори за решавање на споровите и градење на мостови на пријателство и на соработка, како европска вредност и начин за наше членство во евроатланското семејство. Владата на Република Македонија е цврсто решена да опстои на определбата за членство во Европската Унија и во НАТО. Нема друга алтернатива за Република Македонија и парламентарните политички партии треба да ја превземат одговорноста и да и го отворат патот на земјата и на граѓаните кон градење на европска иднина – рече Фазлиу.