Жал ми е, но ВМРО-ДПМНЕ навистина нема одржлив план „Б“, во случај парламентот да го отфрли Договорот од Преспа и да ја одбие ексклузивната и неповторлива понуда Македонија итно да стане членка на НАТО и брзо да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Таков план нема и – не може ни да има!
Сите западни лидери со ентузијазам го поздравија Договорот од Преспа и очекуваат тој правно да се оснажи прво во Скопје, а потоа и во Атина. Нема да има друг договор. Нема да има нови преговори со Грција. Барем не во следните десетина години. Ако ја пропушти оваа шанса, Македонија ќе остане во чекалницата во Брисел, со сите политички и безбедносни ризици што ги носи таа неизвесност.
Идејата на пратеникот Илија Димовски – да ѝ се одземе легитимитетот на оваа влада самата да работи за прашањето за името, договореното да се отфрли и потоа да се побара „стратешко партнерство со ЕУ и НАТО, со сите права и обврски, освен правото на глас, сѐ додека не се реши прашањето околу името со Грција“ – е ситуација passé (нешто веќе минато). Имено, Македонија одамна е стратешки партнер на двете организации и сега има историска шанса да се избори за полноправно членство, со сите права, обврски и погодности.
Да, се согласувам со Димовски дека мораше да се најде начин опозицијата да биде вклучена во сите фази на решавањето на спорот со името, најмалку на ниво на сериозни консултации за стратешките прашања. За жал, пропустот е направен. Грешката можеше да биде исправена и за време на кампањата за референдумот, ако се форсираше еден поинаков, инклузивен и помирлив пристап, за да не мора премиерот Зоран Заев сега, во пет до дванаесет, да нуди национално помирување за настаните од 27 април, нешто што многумина (погрешно?) го протолкуваа и како понуда за амнестија за инволвираните во обидот за државен удар.
Наспроти сѐ, одговорни политички лидери, искрено загрижени за иднината на земјата, би можеле во себе да најдат морална сила да се издигнат над сопствените стравови и предрасуди и да донесат храбра и одважна одлука. Но, мојот впечаток, што и вчера го споделив со читателите, е дека Македонија нема политичари што се во состојба да ги препознаат шансите за својата земја, а и опасностите што ѝ се закануваат ако подолго време таа остане надвор од евроатлантскиот процес.
И тоа не е ништо ново. Така било секогаш. Во нашата заедничка федерација, во времето на Анте Марковиќ (1990 година), Југославија (а со тоа и Македонија) има понуда да стане членка на ЕЕЗ (сегашната ЕУ) и се отфрла под притисок на Милошевиќ и на Туѓман. Така било и во почетокот на деведесеттите години, кога Киро Глигоров ја има првата посериозна шанса да го реши спорот за името, но парламентот го одбива неговиот предлог. Така е и во 2008 година, кога парламентот ја отфрла идејата со декларација да го поддржи предлогот на Нимиц непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт. Ако одиме наназад во минатото, пред 1941 година, ќе видиме дека историјата на Македонија по многу нешта, всушност, е историја на пропуштени шанси и на погрешни проценки.
Затоа, навистина губам надеж дека ќе ја заграпчиме оваа шанса. Во оваа генерација македонски политичари, во вакво поделено и конфликтно општество, јас не гледам потенцијал за историски исчекор напред. А дај боже да не сум во право, да ни се случи нешто убаво и после на мене да остане кабаетот…