Политичарите да мислат на државата и да не дозволат политичката криза да прерасне во безбедносна криза зашто тоа би било погубно за извозно ориентираните компании од текстилната индустрија како и за целото стопанство, апелираше денеска Ангел Димитров, претседател на Здружението на тексилната индустрија при Стопанската комора.
Според него, состојбата е алармантна бидејќи голем период компаниите работат под притисок на политичките кризи во земјата што се одразува на нивната работа.
– Сегашната политичка криза влијае на договорите потпишани со нашите странски партнери и инвестирањето на компаниите. Во нестабилна политичка состојба ниту еден бизнисмен не се одлучува да вложува, да ги шири капацитетите и не размислува за нови пазари. Но, пострашно е ако политичката криза прерасне во безбедносна тогаш ќе ја немаме и оваа работа ќе имаме колапс на оваа индустрија – предупреди Димитров.
Според него, нов изборен процес ќе биде дополнително оптоварување на бизнисите.
– Компаниите до крајот на ноември треба да ги поднесат барањата за средствата што лани ги вложиле во инвестиции, но ако има избори, целата енергија ќе се насочи кон тој процес, сите ќе се занимаваме со политика, а ќе страда бизнисот од кој очекуваме да се полнат фондовите и буџетот, да ги зголемуваме социјалните давачки. Ако бизнисот паѓа, ќе паѓа целата економија и целата држава – заклучи Димитров.
Тој денеска на прес-конференција повторно го постави проблемот на обезбедување на работна сила во текстилниот и кожарскиот сектор каде што, како што рече, со години се намалува бројот.
– Изминатите 10 години годишно за пет до шест отсто се намалува бројот на работници во кожарството и производството на облека. скоро и да нема млади кои сакаат да ја учат оваа струка и да работат во секторот. Само за пример во компанијата која ја водам на оглас за обука на кадар се јавија 36 луѓе од нив 17 прифатија да се обучуваат, а само 11 од нив по проверките беа избрани за обуката – рече Димитров.
Сепак, рече тој, македонските текстилни компании и покрај проблемите во работењето сѐ уште се атрактивни за странските пазари пред сѐ поради близината, малите серии, високиот квалитет на производи, додадената вредност во производството и солидните цени.
Здружението за текстил смета дека е добро што Владата има мерки кои се однесуваат на зголемување на платите на вработените во трудоинтензивните гранки, но нивна оценка е дека тие засега даваат мали ефекти. Се надеваат дека последната мерка на Владата за замрзнување на придонесите
– Оваа мерка може да даде најдобри резултати бидејќи парите кои се наменети за придонеси ќе бидат искористени за повисоки плати на вработените. Но и оваа мерка има слабост осдносно работниците ќе имаат пониска пензиска основица. Лично сметам дека и тоа може да се реши со тоа што ќе им се даде на работниците да бираат дали сакаат повисока плата или повисока основица за пензиско осигурување – реќе Димитров.
Производство на текстил за осум месеци од годинава во споредба со истиот период лани бележи зголемување од 11,2 отсто, додека производството на облека намалување од 6,7 отсто.
Извозот достигнал 386 милиони долари што е зголемување за 14,8 отсто, а претставува 9,8 проценти од вкупниот извоз на Македонија. Увозот, пак, бил 382,7 милиони долари.