ОБНОВЕНО Турски експерти попладне ќе извршат претрес на конзулатот на Саудиска Арабија заради Кашоги

171

Турски експерти попладне ќе извршат претрес во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, откако пред десетина дена таму исчезна новинарот и дисидент Џамал Кашоги, објави весникот „Дејли Сабах“.

Кашоги (59), кој од лани живее во егзил во САД, е долгогодишен новинар. Тој е ангажиран во „Вашингтон пост“ и е познат по критичките текстови за саудиските власти. Во неговите текстови тој ја критикуваше Саудиска Арабија и поради војната со Јемен и спорот со Канада.

„Вашингтон пост“, чиј соработник беше Кашоги, минатата недела објави дека турската Влада информирала високи американски претставници дека поседува видео и аудио записи, кои докажуваат дека Кашоги бил убиен во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул

Весникот наведува дека снимките укажуваат оти припадници на судиските безбедносни служби го привеле Кашоги по неговото пристигнување во Конзулатот на 2 октомври за да ги обебзеди потребните документи за венчавка, по што го убиле и го расекле неговото тело.

Снимките на гласовите во Конзулатот докажуваат што се случило со Џамал по неговото пристигнување, тврди извор на весникот запознат со содржината на записите, кој побарал анонимност. Изворот наведува дека на снимките може да се слушне како Кашоги бил приведен, сослушуван, измачуван и на крајот убиен.

Постоењето на ваквите записи објаснуваат зошто турските власти веднаш ја обвинија Саудиска Арабија за убиството на Кашоги, но не сакаат јавно да ги обелоденат снимките, бидејќи со тоа ќе се докаже дека Турција ги прислушува странските институции во земјата, наведува „Вашингтон пост“.

Турските власти не ги коментираат извештаите во кои се наведува дека владата на таа земја на американските официјални претставници им соопштила дека има аудио и видео докази дека Кашоги бил убиен во конзулатот.

Исчезнатиот саудиски новинар не бил нервозен кога отишол во конзулатот на Саудиска Арабија, ниту пак се сомневал дека би можело да му се случи нешто лошо, изјави неговата вереница Хатиџе Џенгиз.

Таа рече дека оваа недела веќе ќе била омажена за Кашоги и додаде дека планирале да живеат на релација Истанбул- САД, каде што Кашоги живее во доброволен во егзил од минатата година.

Саудиските власти тврдат дека Кашоги влегол во конзулатот и набрзо го напуштил, меѓутоа, турските власти и неговата свршеница, која го чекала надвор, тврдат дека тој не излегол оттаму.

Кашоги ја напушти Саудиска Арабија минатата година, откако ја критикуваше саудиската политика во Јемен и притисокот врз критичарите на власта.

Џенгиз изјави дека турските власти не и споменале снимки и истакна дека Кашоги „се уште официјално се води како исчезнат”.

Саудискиот министер за внатрешни работи принцот Абдулазиз бин Сауд бин Најеф бин Абдулазиз ги отфрли како „неосновани лаги кои се шират за убиство на новинарот”.

Министерот во официјална изјава рече дека Ријад „е поврзан со традицијата на почитување на правилата и меѓународните конвенции”.

Саудискиот министер, исто така, вети дека ќе соработува со Турција во заедничка истрага. Кралството сака да се разјасни случајот со исчезнувањето на новинарот.

Делегацијата на Саудиска Арабија пристигна во петокот во Турција. Анкара се согласи да се формира заедничка работна група со Саудиска Арабија, со цел да се утврдат околностите на исчезнувањето на новинарот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...