Изложбата „Каде Sì слатко звучи. Патување низ историјата на италијанскиот јазик“ ќе биде отворена денеска во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Куратор на оваа патувачка изложба е еден од најголемите италијански лингвисти, проф. Лука Серијани, а во Скопје доаѓа по нејзиното гоствување во Фиренца, Цирих, Москва, Берлин и Варшава.
Вљубениците во италијанскиот јазик и култура ќе можат да погледнат 40 панели кои претставуваат различни периоди од развојот на италијански јазик, а ќе можат да ги погледнат и најстарите книги и ракописи на италијански од фондот на НУБ.
Изложбата е во организација на Институтот Данте Алигиери во Скопје, НУБ, УКИМ и Италијанската Амбасада во Македонија и е под покровителство на Претседателот на Република Италија, а ќе биде отворена до 30 октомври. Со оваа изложба се отвора 18-та Недела на италијанскиот јазик во светот.