Започнаа градежните работи за реконструкција и преасфалтирање на патниот правец од Кочани кон туристичко-рекреативниот центар Пониква на Осоговските Планини, за што државата вложува близу 87 милиони денари.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев го посети градилиштето, рече дека во овој регион се започнати крупни инвестиции во патната инфраструктура.
– Министерството за транспорт и врски заедно со Јавното претпријатие за државни патишта инвестира 60 милиони евра за патиштата во кочанскиот регион. Меѓу поважните правци е изградбата на експресниот пат од Штип до Кочани, реконструкцијата на обиколницата околу Кочани, регионалниот патен правец кон Пониква, а наскоро ќе започнат да се градат и други локални патни правци – истакна Сугарески.
Реконструкцијата на коловозот, чија вкупна должина е околу 22 километри, е започната од правец на Пониква, каде што оштетувањата беа најголеми.
– Овој пат е изграден пред околу 40 години и досега кај него немало никаква интервенција. Според техничката документација, планирано е да се преасфалтира коловозот во должина од 10,4 километри и широчина од шест метри. Дополнително, на почетокот на идната недела ќе започне и изградбата на регионалниот пат меѓу селата Тркање и Пишица, истална директорот на Јавното претпријатие за дравни патишта – Зоран Китанов.
Според Китанов, веќе е завршена реконструкцијата на магистралата од Кочани кон Делчево, при што останува само да се монтира заштитната еластична ограда, а до крајот на октомври ќе започне рехабилитација на над дваесет патни правци во целата држава.
Градоначалникот на Кочани, Илијев рече дека рехабилитацијата на патот, заедно со проширувањето на паркинг просторот на Пониква ќе помогне во реализирањето на плановите на општината за унапредување и развој на планинскиот туризам.
Министерот Сугарески додаде дека во текот на наредната недела се очекува да започне распределбата на 43 станови за граѓаните од социјално ранливите категории во новоизградената зграда во Кочани.