Комитетот за одобрување инвестици сѐ уште не одлучувал по четирите апликации на фирмите во чија сопственичка структура има и владини функционери. Тоа ќе го стори веднаш по усвојување на протоколот за проценка на ризик што веќе се изготвува, а деновиве треба да биде и презентиран, соопшти денеска директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Депостовски.
Како што рече, протоколот за проценка на ризик ќе претставува системско, а не ад-хок решение, и ќе се применува не само за актуелните четири фирми, туку и за сите следни ситуации од ваков тип.
Средствата, пак, што требаше да ги земат четирите „спорни“ компании со кои не се потпишани ниту договори, ќе бидат доделени на други што аплицирале во рамки на првиот повик.
– Во моментов се работи на посебен протокол како системско решение што ќе овозможи да се справуваме со такви ризици и сега и во иднина. Одлуката на Фондот се очекува веднаш штом ќе се усвои протоколот. Не сакам одлучувањето да биде врз основа на нечија лична проценка, туку мора да постои реална проценка на ризикот врз основа на која ќе се донесе одлуката. Протоколот ќе го искористиме и за овие четири компании, но и за сите следни ситуации со кои може да се соочиме. Целта е, не со ад-хок, туку со системски решенија да се справуваме со овие ризици понатаму – објасни директорот, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на новата иницијатива „Петок за млади“.
Според Деспотовски, апликациите што ги поднесуваат компаниите блиски до власта е нов ризик со кој се соочува не само Фондот, туку, генерално, сите јавни институции во државата.
– Фондот е прва институција што воведе обврска за декларирање носител на јавна функција во сопственичката структура и што ќе примени системско решение. Четирите компании во моментов не се толку важни, договори немаме секако потпишано со нив, а за останатите процесот е веќе завршен. Битно ни е преку ова искуство да дојдеме до системско решение, потенцира Деспотовски.
Најави и дека се подготвува втор бран финансиски договори за кој се очекуваат дополнителни средства од Владата, со ребалансот на Буџетот.
– Подготвуваме нови повици, имаме обезбедено средства од Светска банка. Сметам дека во наредните неколку недели ќе излеземе со нов повик за старт-ап компании. До крајот на годината имаме на располагање околу 3,5 милиони евра – информира директорот.
Со ребалансот на Буџетот ќе се поддржат компаниите што беа успешни на првиот повик, но поради исцрпување на средствата, големиот интерес и квалитетните проекти, не успеаја да потпишат договори.