Утре почнува 13. есенска кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за вакцинација на лисиците против беснило.
На целата територија на Република Македонија, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови заклучно со 19 октомври, од спортските аеродроми во Скопје и Штип ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки.
АХВ апелира граѓаните да внимаваат при движењето во природа и доколку најдат мамка никако да не ја допираат. Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките има пластична капсула со течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило, како и биолошки маркер – тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата.
„Како одговорна институција апелираме мамката да не се допира,но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, таа треба внимателно да се отстрани и остави во помалку населена област, каде ќе биде неможно истата да дојде во контакт со деца. Ако се случи граѓаните да дојдат во контакт со течната содржина од капсулата, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар. Мамката внимателно треба да се земе со ракавица или кеса и да се понесе со себе“, велат од АХВ.
Агенцијата ги потсетува сопствениците на домашни миленици кучиња и мачки дека имаат законска обврска да ги вакцинираат животните против беснило иако болеста во Македонија последен пат е регистрирана во 2012 година.
По реализација на вакциналната кампања против беснило, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе пост-вакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација.
Кампањата за вакцинација се реализира со финансиска поддршка на Европската унија.