Целта на проектот за уредување на излозите во старите чаршии е враќање на автентичниот изглед на чаршиите, а воедно и нејзино разубавување и привлекување на што поголем број на посетители и туристи, рече министерот за економија Крешник Бектеши по потпишувањето на договорите со општините Чаир, Центар, Битола и Охрид за имплементација на проектот „Ревитализација на излозите старата чаршија“.
– Ние во во рамки на Програмата за развој на туризмот за 2018 предвидовме, после скопската, да ја прошириме оваа активност и на останатите чаршии, и тоа во соработка со општините на чија територија се наоѓаат тие. За реализација на овој проект годинава обезбедивме буџет од 16,5 милиони денари, а преку јавен повик беа поканети општините Чаир, Центар, Битола, Охрид и Струга да аплицираат, притоа запазувајќи ги условите од самата техничка документација и предмер-пресметките, кои ги дистрибуиравме до нив. На повикот пристигнаа вкупно 182 апликации, а од услови согласно повикот исполнија 160 дуќани, од кои 115 од скопската, 38 од битолската и 7 од охридската чаршија. За жал, од струшката чаршија не добивме апликации -рече Бектеши, додавајќи дека општините ќе имат рок од 1 година за имплементација на споменатите активности, а дуќанџиите немаат никаква обврска да партиципираат нивни средства, односно сите средства се обезбедени од Министерството за економија.