Голем број авиокомпании најавија нови летови од Германија до Хрватска, пишува „Пословни дневник“.
Директорот на Хрватската туристичка заедница Кристјан Станичиќ изјави дека Хрватска на германскиот пазар е многу барана дестинација.
– Во тој контекст клучна улога имаат авиолиниите. Особено не радува најавениот распоред на летање кој кај најголемите авиопревозници подразбира воведување нови линии и зголемување на постоечките летови – рече Станичиќ.
Според него, најголем број нови директни авиолинии се најавени од Германија, вкупно 13.
– Голем број авиопревозници како што се Изиџет, Јуровингс, Рајанер, Луфтханса и Кондор најавија нови летови за Задар, Риека, Пула, Сплит и Дубровник – рече Станичиќ и додаде дека тие се однесуваат на периодот околу сезоната.