ЈСП: Синдикатот имаше рок од 3 месеци да се исели

177

Менаџментот на ЈСП ги оцени како паушални и неосновани обвинувањата изнесени денеска од Независниот синдикат на возачи (НСВ).

„Ноторна лага е дека директорот и менаџментот направиле упад во просториите на НСВ и му ја одзеле документацијата. Целата процедура се спроведе согласно законот со наменски формирана комисија и направен записник, бидејќи и покрај постигнатиот договор за напуштање на просториите, НСВ не го стори тоа во договорениот рок.

Документацијата на НСВ се наоѓа во пломбираната просторија и претставник на НСВ, во договорено време, ќе може да ја подигне документацијата“, се наведува во реакцијата на ЈСП Скопје.

Уште во мај годинава, на овој и на уште два други синдиката кои функционираат во рамките на ЈСП Скопје, им било најавено дека треба да ги напуштат просториите поради потреба од простор за работа и непречено функционирање на претпријатието. И покрај постигнатиот договор, НСБ не ги ослободиле работните простории кои ги користеле за приватни потреби. Бил даден рок од 3 месеци кој не бил испочитуван и била покрената постапка за напуштање на просториите кои се во сопственост на ЈСП.

„Но, од НСВ останаа глуви и на овој рок, па така, вчера се спроведе испразнување на просториите кое се реализираше преку наменски формирана комисија, која направи записник за испразнување на просторијата од луѓе и ствари“, велат од ЈСП.

Истиот ден, најбројниот репрезентативен синдикат на ССН при ЈСП Скопје, кој брои преку 800 членови, ја испразнил својата работна просторија и ја предал на работодавецот.

„Сакаме да напоменеме дека согласно Законот за работни односи и колективниот договор на ЈСП Скопје, чиј еден од потписниците е и НСВ, децидно стои дека работни простории, работодавецот е должен да обезбеди само на најбројниот, репрезентативен синдикат. Но, и во овој случај, привремено, ЈСП нема да обезбеди простории за најбројниот синдикат, поради недостиг од истите, а нужна потреба од работен простор за администрацијата.

Наводите на претседателот на НСВ дека ‘поради кревање глас’ тој е прераспределен на пониско работно место, а секретарот добил неоснован отказ од работа, апсолутно се неточни. Децидно ги отфрламе обвинувањата дека раководството на претпријатието се меша во синдикалното работење на било кој од трите синдикати. Во случајов, претседателот е распределен на друго работно место (не му е намален бод, ја добива истата плата), а секретарот доби отказ поради тешка повреда на работна дисциплина“, се додава во реакцијата од ЈСП.

Според менаџментот на ЈСП Скопје Синдикатот преземал активности кои не се во негови ингеренции и поради тоа во последните три месеци, исписници од овој синдикат зеле повеќе од 100 членови.

„Сакаме да укажеме дека токму НСВ изманипулира дел од своите членови, односно ги поттикна да поднесат тужби до ЈСП за исплата на регрес за претходните 3 години. Истите беа изгубени и сега тужителите треба да платат трошоци од преку 40.000 денари, за што независниот синдикат се оградува. Овој синдикат ги поттикна инвалидите на трудот, исто нивни членови, да поднесуваат тужби за права кои согласно закон и колективен договор на ЈСП не им следуваат. Истите ги изгубија споровите.

Како доказ дека раководството на ЈСП Скопје се грижи за своите вработени и ги почитува нивните права е исплатата на јубилејни награди на вработени, за првпат од постоењето на претпријатието. За првпат почна да се исплаќа помош на вработени по основ на елементарни непогодни, првпат после 10 год плата се исплаќа помеѓу 3-ти и 5-ти во месецот, се даваат надоместоци за подолготрајно боледување…“, се додава во реакцијата од ЈСП Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...