Само што почнаа протест пред владата 130-ина вработени од прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ остварија средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев и се договорија за нивните барања. Владата најави преструктуирање на комбинатот.
Од Владата соопштија дека на средбата на претставниците на “Еурокомпозит“ им било речено дека на 15 октомври, Собранието на Република Македонија на дневен ред ќе го разгледа Предлог законот за измена на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата. Со овој Закон ќе се уреди можноста за остварување на материјално обезбедување на вработените во комбинатот, на кои работниот однос им престанува по однос на технолошки вишок.
„Владата, во кус временски период, како што беше најавувано изминатиов период, ќе пристапи кон обезбедување на стратешки партнер, во постапка согласно Законот за стечај и реорганизација на претријатието во стечај“, соопшти Владата.
Информацијата ја потврди и претседателот на синдикатот на „Еурокомпозит“, Роберт Богданоски.
– Разговаравме за остварувањето технолошки вишок за 130-ина вработени, за исплатата на отпремнините во висина од околу 160 илјади евра и за околу два милиона евра заостанати плати и придонеси. Се договоривме со дополнувањата на Законот за технолошки вишок да се опфатат и работниците од „Еурокомпозит“ – рече Богданоски.
Договорено е 130 работници да се пријават во Бирото за вработување како технолошки вишок каде што ќе бидат еден месец, а потоа ќе ги опфати Законот за технолошки вишок до пензионирање. Потоа, веднаш ќе се прави реорганизација пред стечај на компанијата, а иднииот купувач да исплати се: отпремнини и заостанати плати и придонеси во вкупна вредност од околу два милиона и 160-ина илјади евра.
– Доколку не се изгласа продолжувањето на рокот на траење на Законот за технолошки вишок, од вторник ќе ги продолжиме протестите- изјави Боданоски.