Доверители на „Фени” и денеска протестираат, барајќи да им бидат исплатени побарувањата. До 16 часот ќе биде блокиран патот од Кавадарци кон Дреново.
Реџеп Елмаслари од Платиниум АЛБ- Тирана, рече дека дошле од Албанија на протестот.
– Нашата фирма го снабдуваше „Фени” со руда. Од јули минатата година ни ги немаат исплатено нашите побарувања. Нашата фирма ги има платено сите побарувања од државата, ги плаќавме работниците, а сега не можеме да си ги наплатиме нашите побарувања – изјави тој информирајќи дека ќе продолжат со протести и на територијата на Албанија.
Рече дека за ова го известилеМинистерството за индустрија и за транспорт и премиерот Еди Рама.
– Ќе го блокираме граничниот премин Ќафасан, нема да дозволиме ниту еден камин со македонски регистарски ознаки да влезе или излезе – нагласи тој во изјава за медиумите.
Вчера компанијата ГСОЛ, преку претставништвото „Еуроникел“ Скопје ги повикува сите необезбедени доверители чии побарувања се прифатени во стечајната постапка што се води за „Фени Индустри“ во стечај, да ги достават своите барања со цел започнување на постапката за исплата.