Додека минатата недела во Комората бевме фокусирани на предлозите за новиот развоен концепт на македонската економија, во кој клучни приоритети треба да бидат индустријализацијата и унапредувањето на извозните потенцијали на домашната економија (прашања за кои се постигна широк консензус на научната конференција која се одржа во Охрид), една вест од медиумите не врати во суровата реалност – оштетувањата на бетонскиот мост на Црна Река го затворија железничкиот сообраќај на релацијата Велес-Гевгелија. Има ли крај на маките на Македонски железници, а со тоа и на македонската економија?
Зошто е толку важна оваа железничка делница? Затоа што е единствената железничка точка за поврзување со солунското пристаниште, кое претставува главна транзитна дестинација за македонскиот извоз. Пристаништето е со вкупна површина од 1,5 милиони квадратни метри, се простира на должина од 3.5 километри и има 6 пристанишни столбови, кои се распространети на 6.200 метри долг кеј.
Низ пристаништето во 2017 година поминале 3.569.045 тони стока, од кои повеќе од една четвртина е стока наменета за увоз и извоз во Република Македонија. Бројот на контејнери изработени во пристаништето во Солун сметано во TEU е 401.947, од кои за Македонија се наменети приближно 7%. Овие бројки неспорно говорат за стратешката позиција на ова пристаниште, како традиционално најискористена морска меѓународна врата преку која се реализираат меѓународните зделки.
Во изминатите години, особено соочени со проблемите на блокадите и штрајковите кои го оневозможуваа користењето на пристаништето, македонското стопанство се обидуваше да изнајде и други опции (Бургас и Варна во Бугарија, Драч во Албанија, Бар во Црна Гора), но сите инфраструктурни, технички и економски аспекти сé уште ги прават овие опции помалку исплатливи алтернативи. Секој ден од прекинот на можностите за користење на солунското пристаниште, за македонското стопанство се мери во илјадници евра загуби – со прекинот на железничкиот сообраќај особено е засегнат металуршкиот сектор, кој поради габаритот на производите има ограничени опции за алтернативен товарен транспорт. Затоа, се надеваме дека во најкус можен рок ќе бидат вложени сите напори за да се санира овој дефект и да се обезбеди непречен транспорт на овој коридор, а останува предизвикот на долг рок да се оспособат и другите алтернативи по должината на коридорот 8.
п.с. Изградбата на првата железничка линија во Македонија помеѓу Солун и Скопје била завршена на 09.08.1873 година, кога и пристигнал првиот воз во железничката станица Скопје, и тој ден се смета за почеток на железницата во Македонија. Впрочем, најголемиот дел од другите железнички делници биле изградени во првата половина на минатиот век.