Столтенберг во посета на Белград

84

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг утре ќе допатува во посета на Србија, каде ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ, а ќе учествува и на Белградскиот безбедносен форум, што ќе се одржи в понеделник.

За време на тридневниот престој во Србија, Столтенберг ќе присуствува и на свеченото отворање на цивилната вежба за вонредни состојби „Србија 2018“, организирана од страна на Евроатлантскиот центар на НАТО за координација на активности и итни одговори и српското Министерство за внатрешни работи, а ќе се обрати и пред студентите на Филолошкиот факултет во Белград.

Предвидено е средбата Вучиќ-Столтенберг да се одржи в понеделник на маргините на Безбедносниот форум, на кој ќе се разговара за развојот на односите меѓу Србија и НАТО, за областите во кои постои најголем потенцијал за поблиска меѓусебна соработка и се практичните придобивки за српските граѓани и за регионот од таа соработка.

Како што јави дописникот на МИА од Белгрда, Столтенберг уште од стапувањето на должноста се залага за поинаков дијалог со официјален Белград, а пред една година во разговор со Вучиќ во Брисел оцени дека силна и просперитетна Србија, значи повеќе безбедност и стабилност во регионот на Западен Балкан.

Столтенберг потенцираше дека НАТО ја почитува суверената одлука на Белград за воена неутралност и истакна дека блиска соработка е можна и без членството на Србија во Алијансата. Според него, Србија како суверена држава, сама треба да одлучи како сака да соработува со Русија.

Иако воено неутрална, Србија има соработува со НАТО преку програмата Партнерство за мир и според достапните податоци, Војската на Србија учествувала на повеќе заеднички вежби со силите на Алијансата, отколку со руската армија.

Значењето на соработкате меѓу Србија и НАТО во повеќе наврати ја искажа и Вучиќ, кој, меѓу другото, инсистира силите на Алијансата да останат во Косово во несмален обем, бидејќи, според него, тие се „од исклучителна важност за безбедноста и сигурноста на српскиот народ“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...