Мора да успееме во Македонија да се отворат перспективите и да се создадат услови за луѓето, особено младите да ја гледаат својата и иднината на своите деца во родната земја, изјави пратеникот во германскиот Бундестаг Торстен Фрај на Вториот македонско-германски форум „Градиме мостови-политики и економија“ што се одржа во Скопје во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за општествени истражувања – МК 91.
Според него, важно е Македонија да оди во евроатлантска насока и е добро што земјата сама постига резултати.
– Важно е да се има правна држава, слободни медиуми, слобода на говор, силно образование, не само на факултетите туку и во стручното образование. Да се обезбеди одржив економски развој. Луѓето да се чувствуваат добро во својата земја- рече Фрај.
Јоханес Раи од фондацијата „Конрад Аденауер“, пак смета дека со ангажирање на германските инвеститори и македонската држава треба да се спречи одливот на мозоци од земјава.
– Податоците покажуваат дека 300.000, 400.000 или многу повеќе се иселени од Македонија. Време е да го стопираме овој одлив на мозоци, а да го постигнеме тоа треба во земјава да функционираат институциите- рече Раи.
Според него, по референдумот видливи се почетоците на нова, како што рече, „техничка криза“.
Министерот за економија Крешник Бектеши и бизнисмените, пак, сметаат дека честатите изборни пороцеси кои се организираат во земјава го дестабилизираат стопанството и неговите планови за развој и инвестирање.
– Кога имаме избори, а овој пат тоа би биле два циклуси за кратко време, стопанството не може да функционира, зашто се запира. Затоа треба политичарите да најдат сили, да излезат од политичките табори и да донесат решение за иднината на замјата – рече Бектеши.
Патрик Мартeнс, директор на економската делегација на Германија во Македонија очекува брзо решение на политичките проблеми.
– Чекавме 25 години за да имаме некаков подем на инвестиции од Германија во последните пет години во земјава. Мислам дека нема да мора да чекаме уште 30 години за нов бран добри перспективи – рече Мартенс.
Според податоците што на форумот ги презентира германскиот амбасадор во земјава Томас Геберх, во Македонија работат околу 200 германски претпријатија кои вработуваат околу 20 илјади лица. Минатата година трговската размена меѓу двете земји достигнала 3,15 милијарди евра, а Германија е и еден од најзначајните трговски партнери на Македонија. Околу 20 проценти од вкупниот извоз на Македонија оди за Германија, а околу 15 проценти од вкупниот увоз е со германско потекло.
Македонија и Германија имаат 25-годишна билатерална соработка чија годишнина е во декември.