Андерперформанс, еуфемизам за – мамичето мамино ни го расплакавте!

Верувајте, има начин луѓето кои не блеат и не цицаат во партиските трла, луѓето кои сакаат да мислат со сопствена глава и да гледаат со сопствени очи без навлечени розови очила, луѓето кои гласаа три пати за уривање на режимот на Груевски и на политиките на разнебитување на Македонија (прв пат на парламентарните избори 2016, втор пат на локалните избори 2017 и сега, трет пат, на референдумот 2018), да се убедат дека нивниот глас не отишол во ветер. Рецептот е едноставен – не „светла иднина“ кој знае кога, туку светли проблесоци сега и веднаш!

8526

Зборот андерперформанс (underperformance на анлиски), во неговото политичко значање, прв пат го слушнав од политичкиот аналитичар Петар Арсовски, во неделата вечер, кога заеднички на Канал 5 го коментиравме разочарувачкиот резултат од референдумот. Во изворното значење, овој збор значи „изведба под очекувањата“, а Арсовски го употреби онака попатно, како оценка за владеењето на власта во оваа година ипол, нагласувајќи при тоа (ако добро разбрав) дека тоа не било главната причина за неуспехот на плебисцитарното изјаснување на народот.

Мојата теза е сосема спротивна. И јас, бездруго, видов многу слабости во кампањата и во политичкиот перформанс во врска со референдумот – за тоа веќе пишував, навлекувајќи го така бесот на дел од „изведувачите“ и „подизведувачите“ – но останав длабоко убеден дека клучниот проблем, не само на референдумот, туку и на постреферендумската политичка криза, имено е андерперформансот на власта. Се плати скапа цена за сериозните слабости во владеењето на оваа гарнитура и за упорно одбивање да стори нешто перформансот да се подобри.

Светли проблесоци, молам, сега и веднаш!

Внимавајте, не спорам со ноторниот факт дека ВМРО-ДПМНЕ цела една деценија ја ограбуваше и ја разнебитуваше Македонија, враќајќи ја во стадиумот на примитивно претполитичко општество. Па што пишував јас цела една деценија ако не критики за тие погуби политики? Зошто бев прогласен за еден од водечките непријатели на режимот на Груевски? И сега, верувам дека на сите ни е јасно дека новото раководство на таа партија, од причини кои се нелегитимни, упорно продолжува со истите политики. Но, не сум убеден дека одговорот на СДСМ треба да биде тезата, или, не дај боже, обидот да изведе перформанс под работен наслов „Или ВМРО или Македонија“. Обидот за сотрување на ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочи со жесток отпор на една политичка опција со сериозни националистички наративи (во време кога национализмот е популарен и во регионот и во Европа). Тоа е опција која сѐ уште врзува голем дел од избирачкото тело во Македонија. А да не зборувам за недемонтираните вмровски инсталации во администрацијата, во крупниот бизнис поврзан со власта и на многу други чувствителни и влијателни позиции во системот.

Токму затоа, тврдам дека единствениот начин да се излезе од оваа криза, која тлееше и кога не беше манифестирана, е конечно, макар и насила ако веќе не може со арно – значи, со цврсто менаџирање и со декрети – новата политичка гарнитура на власт да демонстрира „оверперформанс“ наместо андерперформанс (да измислам и јас едно зборче, ако може). Оваа година ипол што е зад нас имено требаше да биде период на нулта толеранција за било каков облик на корупција и за аздисаност од било каков вид, период на нагласена демонстрација на она што јас го нарекувам европско поведение во земјата. Требаше да биде така, а не беше. Уште има шанса да биде.

Верувајте, има начин луѓето кои не блеат и не цицаат во партиските трла, луѓето кои сакаат да мислат со сопствена глава и да гледаат со сопствени очи без навлечени розови очила, луѓето кои гласаа три пати за уривање на режимот на Груевски и на политиките на разнебитување на Македонија (прв пат на парламентарните избори 2016, втор пат на локалните избори 2017 и сега, трет пат, на референдумот 2018), да се убедат дека нивниот глас не отишол во ветер. Рецептот е едноставен – не „светла иднина“ кој знае кога, туку светли проблесоци сега и веднаш!

Има да бидете чесни слуги на народот!

Наместо тоа, дами и господо, другарки и другари, ние добивме серијал „Ни дана без скандала“. Сите кои укажуваа на скандалозните појави беа прогласени за непријатели на СДСМ, на Зоран Заев, на новата власт. И сето тоа не запира и после референдумот! Памет не ви иде! Па како може, ве молам, да се трпи онаа неверојатна глупост со оној новоселски градоначалник наречен Боро Марлборо? На пример. До кога бре ќе ги трпиме ваквите Боровци и Рамизи? Зошто? Во име на каузата?

Другарки и другари, зборот андерперформанс е само еуфемизам за една состојба која ја доживуваме многу едноставно – мамичето мамино ни го расплакавте! Образите си ги извалкавме премолчувајќи нешта за кои не смее да се молчи, а некои будали дури и бранејќи неодбранливи утакмици! Мора да сфатите дека тоа мора да заврши веднаш, бидејќи само една поинаква перцепција на перфмормансот на политичарите во Македонија може да нѐ спаси од уште поголем пад, од разочарувањата и од потенцијалната девастирачка политичка апстиненција.

Размислувајте за ова пред изборите, ве молам! Да ви кажам отворено: нема веќе кауза поради која јас лично ќе го трпам овој андерперформанс! Нема да гласам за ниту еден лидер кој нема јавно да се обврзе дека во идната власт и во администрацијата нема да ги ангажира најдобрите од добрите. Нема да гласам за ниту еден кандидат кој нема јавно да се обврзе дека нема да чепне ниту денар повеќе од својата плата, дека нема да вработи на државни јасли ниту еден член на своето потесно и пошироко семејство, дека нема да земе ниту еден денар стипендија или било каков дополнителен приход од државата за себе и за своето семејство, дека нема да земе ниту денар повеќе за патни трошоци од она што го нуди јавниот градски превоз (автобус и воз), дека нема да бара државни пари за кирија во Скопје и слично.

И не само што нема да гласам за такви шапшали, туку ќе ги повикувам моите читатели да не гласаат! И колку сега да ги стрвите медиумските песови, после овој текст да ме растргнат, јас ќе бидам спокоен и уште сега ви кажувам, другарки и другари, дека ви се потребни само 1.200 грама мозок по човек и малку добра волја, за да сфатите дека оваа порака не само што е за општото, туку е и за ваше лично добро. Вие имате алтернатива за досегашниот андерперформанс – нема да крадете, нема да злоупотребувате, нема да аздисувате, нема да се курчите, има да бидете чесни и понизни слуги на народот!

Берете ум, не се шегувајте!

Никаков политички договор што можеби (дај боже) би се постигнал за разрешување на политичката криза, никакви избори кои би довеле (пак ќе речам, дај боже!) до поволен исход и кои би нѐ вратиле на магистралата што води кон НАТО и ЕУ, ништо такво нема да ја европеизира оваа земја ако немаме европски перформанс и сега, кога не сме земја членка на овие организации. Луѓе, како не го разбирате тоа? А бре јас не сакам да бидеме во ЕУ и во НАТО, ако таму нашето место биде во подрумот, каде што се фрла ѓубрето и каде капат цевките од канализацијата!

Берете ум, не се шегувајте! Народов не ни е за фалење, ама не е ни глупав. Не е во право и кога греши (што би рекол Црвенковски), ама тој решава! А кога решава народот, навистина умее да биде и немилосрден. Па вие сега видете…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...