Астрономите најверојатно ја открија првата месечина надвор од Сончевиот систем, претставен како голем гасовит објект со големина на Нептун .
Оваа месечина се разликува од било која друга претходно и кружи околу планета од гас, со големина десет пати поголема од Јупитер. Оваа „егзомесечина” не личи на ништо досега познато во вселената, велат научниците. Оваа месечина се разликува во целост од досега познатите 180 месечини во Сончевиот систем.
Вселенскиот телескоп „Кеплeр” на агенцијата НАСА го забележа ова небеско тело , за потоа да биде набљудувано од телескопот „Хабл”. Резултатите од набљудувањето во научното списание Science Advances ги објавија професорот Дејвид Кипинг и асистентот Алекс Тичеј од Универзитетот Колумбија.
До денес научниците откриле околу 3.500 егзопланети , а станува збор за планети кои се во орбитата на други ѕвезди, кои не се нашето Сонце. Научниците беа во потрага по егзомесечина, тела кои се вртат околу егзопланетите.
Месечините во Сончевиот систем се карпести или од мраз , додека новооткриената егзомесечина е составена од гасови.