Постојано населување на мигрантите во Европската унија треба да им се овозможи дури откако ЕУ ќе го промени својот пристап кон мигрантскиот проблем, се наведува во заедничкиот план на Австрија и Данска посветен на реформите на системот за доделување азил во Унијата.
Како што јави ДПА, планот денеска во Виена го претставија австрискиот министер за внатрешни работи Херберт Кикл и данската министерка за миграција и интеграција Ингер Стојбер.
Планот, што содржи седум точки, предвидува зголемување на помошта од ЕУ за земјите членки во кои пристигнуваат мигрантите, со тоа што во нив би се отвориле центри за прифаќање на бегалците, со што тие не би го продолжиле патот кон останатите држави од Унијата.
Планот предвидува и создавање на „крајбрежни платформи“ за прифаќање на мигрантите кои ќе бидат спасени на отворено море, зајакнување на контролата на надворешните граници на ЕУ и зголемена солидарност меѓу земјите членки на Унијата.
– Кога ќе покажме дека сме ја повратиле контролата врз состојбата во Европа, тогаш ние, а не шверцерите на луѓе, ќе решаваме кој може да дојде. Дури откако ќе го постигнеме тоа, ќе можеме да мислиме на населување – изјави австрискиот министер Кикл, кој е член на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО).
Според него, идеално би било Европа да се фокусира на прием на оние бегалци кои „го почитуваат европскиот вредносен систем со своите ставови за хуманоста и општеството“.
Стојбер, пак, изјави дека Данска нема да се согласи на прием на бегалци според утврдени ковоти, бидејќи земјата и онака „се бори да интегрира многу бегалци, кои пристигнаа во последните години“.