Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск оцени дека изјавата на британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант со која тој ја спореди ЕУ со Советскиот Сојуз, е навредлива.
Туск, кој по националност е Полјак, изјави дека „знае за што зборува“ кога се осврнува на ова прашање и истакна дека „СССР значеше граници, ѕидови, насилство кон граѓаните и соседите“, додека ЕУ значи „слобода, човекови права, просперитет, мир, живот без страв, демократија и плурализам“.
– Советскиот дух се уште е жив како што покажа нападот во Солсбери. Најдобро знаете каде се наоѓа тој дух. Не во Брисел. И сигурен сум дека помните кој прв изрази солидарност со Велика Британија во тој критичен миг- рече Туск.
Тој порача дека за жал труењето на рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Солсбери не е единствен таков инцидент и потсети на денешните информации за кибер нападот врз Организацијата за Забрана на хемиско оружје (ОЗХО) од страна на руските разузнавачки служби.
Туск го осуди овој напад и порача дека кибер безбедноста ќе биде на агендата на следниот самит на ЕУ.