Забрзано се гради експресниот пат Штип-Радовиш, којшто ќе биде готов и пред предвидениот рок од три години, потврдија денеска по увидот министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, директорот на Агенцијата за државни патишта Зоран Китанов и градоначалниците на Штип и Радовиш, Благој Бочварски и Герасим Конзулов.
– Завршени се веќе 10 отсто од работите за целиот пат. Значи трасата е комплетно завршена и веќе може да се очекува да се градат завршните делови. Во меѓувреме заврши тендерот за рехабилитација на споредниот регионален пат по којшто се движиме и кога возилата ќе се движат по оваа траса, тој ќе биде асфалтиран за да не претрпи дополнителни оштетувања – изјави Китанов.
Првата фаза од мостот на реката Брегалница кај Штип до клучката кај рудникот Бучим во Радовиш се работи забрзано од страна на градежната компанија „Штрабаг“, а тендерската постапка за втората фаза на овој регионален пат од приградската населба Три Чешми во Штип до мостот на реката Брегалница и од радовишки Бучим до влезот на Радовиш веќе е завршена.
Во источниот регион планирано е да се инвестираат околу 280 милиони евра во патната инфраструктура, а според министерот Сугарески, се работи со добра динамика на сите патни правци, иако во изминатиот период имало проблеми кои се надминати.