Реформската агенда и поголема реализација на капитални инвестиции се врвни приоритети на Владата на Република Македонија за оваа 2018 година. Ќе ги разгледаме сите можни аспекти и ќе ја интензивираме соработката со ЕБОР во насока на реализација на овие цели, се ставот на премиерот Зоран Заев изкажан на средбата со Анка Јоана Јоанеску, директорка на канцеларијата на Европската Банка за обнова и развој (ЕБОР) за Македонија и Косово и Френклин Стивс, виш советник во рамки на Иницијативата за инвестициска клима и добро унправување (ИЦГИ).
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата се разменети мислења за новите позитивни трендови по кои економијата се стабилизира, за идните очекувања на економски план, како и за области на соработка во кои ЕБОР може да придонесе со своја помош и поддршка преку проектите што ги спроведува во земјите од Западен Балкан.
Претставниците на ЕБОР, како што се наведува во соопштението, ги презентираа можностите за соработка со Владата во рамки на Иницијативата за инвестициска клима и добро управување којашто се однесува на неколку важни аспекти како што се промоција на дијалог помеѓу јавниот и приватниот сектор, проекти за зголемување на конкурентноста, проекти кои се однесуваат на инспекцискиот надзор и контрола.
Во однос на реформската агенда што ја спроведува Владата, од ЕБОР е изразена силна поддршка за реализација на реформските процеси.
На состанокот е разговарано и за реформата во јавната администрација, за зајакнување на капацитетите на општините, за степенот на реализација на капитални инвестиции и нивното значење за забрзување на економскиот раст, како и за мерките на поддршка од Планот за економски раст за кои се очекува да донесат нови инвестиции и раст на продуктивноста и конкурентноста.