Република Македонија во пост-транзициониот период бележи релативно бавна развојна динамика со просечна стапка на раст од 2,7отсто, што споредено со земјите од регионот ја вбројува во групата на земји со прилично лоши економски резултати. За илустрација, просечната стапка на економски раст за истиот период (2001-2017 година) во Албанија е 4 отсто, Бугарија 3,7 отсто, Србија 3 отсто, Црна Гора 3 отсто, Романија 4 отсто, Словачка 4 отсто, Естонија 4 отсто, Полска 3,6 отсто.
Оттука, се јавува потребата од адресирање на причините за таквите лоши економски резултати и, се разбира, менување на развојниот концепт на земјата и редефинирање на постојниот модел на раст кој де факто нема капацитет да испорача високи и одржливи стапки на економски раст во наредниот период, што е образложено во научниот труд изработен од проф. д-р Дарко Лазаров од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Со овој труд е спроведена детална дијагноза на растот на македонската економија преку квантифицирање и проценка на фактори кои го детерминираат растот и идентификување на ограничувачките фактори кои ја забавуваат развојната динамика на земјата.
Резултатите од анализата за изворите на растот покажуваат дека:
– растот на економијата е базиран на квантитативни промени во ангажираноста на факторите на производство (труд и капитал). Повеќе од 200.000 ново вработени и просечните стапки на раст на инвестициите од 3,44 отсто во периодот 2001-2017 година како главни мотори на растот не придонесоа за технолошки прогрес и пораст на човечкиот капитал како базични фактори за пораст на продуктивноста на економијата;
– растот на економијата беше воден од страна на побарувачката (повеќе од 90 отсто од растот е базиран на финална потрошувачка на домаќинствата и јавна потрошувачка на државата) на сметка на негативниот придонес од -52 отсто на нето-извозот во растот на економија што само ја отсликува неконкурентноста на македонската економија;
– секторскиот пристап во анализа на изворите на растот укажува дека растот на економијата доминантно беше воден од услужниот сектор (непазарни услуги како што се јавната администрација, јавното здравство, образованието и социјалните работи и услуги кои не се предмет на тргување како што се трговијата на големо и мало).
При детална анализа на перформансите на преработувачката индустрија се констатира дека постои тренд на деиндустријализација без значително структурни промени кои ќе придонесат за зголемување на нивото на продуктивност. Сѐ уште доминантни индустриски гранки од аспект на бројот на вработени се текстилната и кожарската индустријата како трудоинтензивни сектори со ниска продуктивност и индустријата за базични и фабрикувани метали кои исто така во случајот на Македонија имаат ниска продуктивност.
Ваквата состојба се рефлектира кај извозната конкурентност на земјата:
• Република Македонија се соочува со ниска извозна диверзификација од аспект од бројот на производи кои земјата ги извезува со компаративни предности (само 447 производи), од аспект на бројот на извозни компании (помалку од 3.000 компании имаат извозна активност) и од аспект на бројот на земји каде се пласира тој извоз (земјата извезува во вредност поголема од 200.000 евра во само 80 земји, додека топ 10 извозни земји апсорбираат дури 85 отсто од македонскиот извоз).
• Постојните извозни производи имаат низок степен на финализација и ниво на комплексност. Исклучок се производите од фармацевтската индустрија и производите кои ги извезуваат странските компании од ТИРЗ.
• Странските компании како главни носители на извозот на земјата во последните неколку години немаат силна поврзаност со домашната економија што како резултат има висока увозна компонента на извозот.
Сето ова укажува дека моделот на раст на македонската економија нема капацитет да испорача високи и одржливи стапки на раст и час поскоро е потребно негово редефинирање каде главниот фокус ќе биде ставен на факторите на страната на понудата.
Единствена развојна алтернатива која ѝ стои на располагање на Република Македонија како мала отворена економија се однесува на иницирање и интензивирање на процесите на модерна реиндустријализација (зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП преку пренасочување на ресурсите кон индустриски гранки, сектори и потсектори кои имаат поголема додадена вредност и повисоко ниво на продуктивност) и извозна диверзификација (зголемување на бројот на извозни производи кои имаат повисок степен на финализација и ниво на комплексност, пораст на бројот на извозни компании и зголемување на бројот на земји каде земјата извезува).
Овие фундаментални развојни процеси на модерна реиндустријализација и извозна диверзификација не се случуваат ад хок и без активна улога на државата преку дизајнирање на ефективни и ефикасни економски и индустриски политики кои де факто треба да бидат насочени кон претходни идентификувани стратешки индустриски сектори, потсектори и производи кои имаат потенцијални компаративни предности и поседуваат реални економски претпоставки да се развиваат во иднина. Во таа насока, Стопанската комора на Македонија со реномирани меѓународни и домашни експерти во следниот период ќе работи на мапирање на тие стратешки индустриски сектори, потсектори и производи и детално проучување на одделните индустриски гранки (на ниво на производ) и нивната репродукциска поврзаност (вертикално и хоризонтално) со цел идентификување на развојните можности и потенцијали на земјата.
Таквиот методолошки пристап ќе креира една корисна основа за дизајнирање на подобри економски и индустриски политики насочени кон забрзување на овие процеси чии таргети се зголемување на учеството на преработувачката од сегашните 12 отсто на повеќе од 16 отсто преку преструктурирање на преработувачката индустрија кон сектори, потсектори и производи со поголема додадена вредност и зголемување на учеството на извозот од сегашните 55 отсто на повеќе од 70 отсто преку зголемување на бројот на производи наменети за извоз со поголем степен на финализација и истовремени зголемување на домашната компонента во извозот.
За таа цел, се предлагаат мерки и политики кои се содржани во неколку столбови и тоа:
Првиот пакет на мерки треба да бидат насочени кон обезбедување финансиска поддршка за инвестиции во нови технологии и градење на производни способности на извозно ориентирани домашни компании во рамките на претходно адресираните стратешки индустриски сектори, потсектори и производи.
Вториот пакет на мерки се однесува на подобрување на кадровските и менаџерските способности на извозно ориентираните домашни компании.
Третиот пакет на мерки се однесува на редефинирање на програмата за привлекување странски директни инвестиции (СДИ) во која фокусот ќе биде ставен на привлекување само на оние странски компании во рамките на претходно адресираните стратешки сектори и потсектори со цел нивно ставање во функција на домашната економија преку интегрирање на домашните компании во нивните синџири на снабдување.
Четвртиот пакет на мерки е насочен кон градење на инфраструктура за индустрија со цел присвојување на придобивките од процесите на дигитализација, компјутеризација и роботизација.
Петтиот не помалку важен пакет на мерки се однесува на зајакнување на институционалните капацитети на државата и подобрување на бизнис регулативата.