Американската амбасадорка во НАТО Кеј Бејли Хачинсон изјави дека Русија мора да престане со развој на нови ракети кои можат да носат нуклеарни боеви глави. Хачинсон се закани дека САД може да ги отстранат руските системи доколку тие станат оперативни.
– Време е Русија да седне на зелената маса – изјави Хачинсон, обвинувајќи ја Москва дека со својот ракетен систем 9М729 го крши договорот од 1987 година со кој двете тогашни суперсили го ограничија развојот на нуклеарно оружје.
Со договорот се забранува развој на крстосувачки ракети кои се лансираат од копно и имаат дострел поголем од 500 километри. За новиот руски проектил се проценува дека може да има дострел од 500 до дури 5.500 километри.