Земјоделци на печалба во Италија живеат во мизерија и гета

Засега нема точна евиденција колку Македонци годишно одат во Италија на сезонска работа, иако неофицијално се околу 150.000.

1201

Македонските сезонски работници во земјоделството да склучуваат двогодишни договори за да остануваат во земјава, наместо да одат во Италија и таму да живеат во гета, во мизерни услови, без социјално и пензиско осигурување, бара Агросиндикатот.

Како што беше речено на прес-конференција, засега нема точна евиденција колку Македонци годишно одат во Италија на сезонска работа, иако неофицијално се околу 150.000. Извесно е дека поголемиот дел се лоцирани во северниот дел, околу Торино и кај Пјаченца, како и дека се занимаваат главно со лозарство. Има речиси од секој возраст, и млади и возрасни до 55 години, а најчесто доаѓат со бугарски пасоши.

Според Агросиндикатот, заедно со мигрантите од Африка, Романија и Бугарија, нашите сезонски работници се закана за цената на трудот во Италија зашто работат 10 – 12 часа, а се 40 отсто помалку платени од италијанските работници. Кога ќе заврши сезоната во некој регион, одат во друг и практично се „невидливи“ за системот зашто не само што не се дел од него, туку и ретко доаѓат во контакт со синдикатите или локалните институции.

– Според последните податоци во Италија има околу 80.000 сезонски работници од Македонија. Проценка е дека не се организирани, одат преку разни канали, илегално. Проблемот е што имаат бугарски пасоши и не се пријавуваат како Македонци, а тие што се пријавени како Македонци не се во системот поради што не добиваат социјално и пензиско осигурување. Тоа создава несигурност на работната сила и ги руши платите во Италија, од една страна, а од друга, во Македонија нема доволно работници, ниту млада работна сила што, пак, се одразува врз производството и преработката посебно во градинарството, тутунската индустрија, млекарството – истакна претседателот на Синдикатот Живко Даневски.

Според него, сезонски работник влезен со македонски пасош во Италија зема 6,5 евра на час, а со бугарски пасош 8,5 евра.

– Сеознските работници во Италија мора да се интегрираат во општетственото ткиво. Тие мора да се информираат, да си ги знаат своите права, дека согласно Колективниот договор за работа во земјоделскиот сектор во Италија работникот треба да заработува најмалку 56 евра на ден. Не треба да бидат помалку платени – порача координаторот на европската и меѓународна политика при Синдикатот за земјоделство на Италија Пјетро Руфоло.

Мора, додаде, да се сузбие искористувањето на работата на мигрантите.

– Нашата политика е интегрирање на работниците и нивно почитување и заштита, но за тоа е неопходно и тие сами да си ги знаат своите права- подвлече Руфоло.

Арнд Шпан од Европската федерација на синдикати од земјоделството, прехранбената индустрија и туризмот напомена дека со сезонското работење надвор македонската економија ги губи работниците.

Предлогот за склучување двогодишни договори, како што беше речено денеска на прес-конференција, Агросиндикатот смета дека треба да влезе во измените на Законот за работни односи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...