До 11,5 денари за килограм е моменталната откупна цена на пченицата која беше неоткупена во Битолско. Но оваа пченица не оди на домашниот пазар туку се извезува во Грција и Албанија, изјави претседателот на Агрокомората при Сојузот на стопанските комори Огнен Оровчанец на денешната прес-конференција.
Според него, нелогично е тоа што македонската пченица е добра за извоз, но не е добра со квалитетот за домашната мелничка и преработувачка индустрија.
Преработувачите, пак, тврдат дека за нив е важен квалитетот и цената на пченицата не е важно од каде доаѓа.
– Во однос на брашното реагираме согласно пазарните услови. Мора да бидеме логични и разумни. Изборот е секогаш најдобар квалитет за најдобра цена или најдобра цена за најдобар квалитет. Тоа е пресудно. Не можеме да навлегуваме во тоа дали пченицата е од Македонија, Србија или други држави – вели Горан Ѓорѓиевски од пекарницата „Специјал“.
Тој информира дека цената на брашното е 30 отсто зголемена и изнесува 240 до 250 евра за тон, додека лани беше 180 евра, но кај пекарските производи сѐ уште нема поскапување и тие засега се најевтини во регионот и Европа.