Самит 100, Брнабиќ: Работиме на намалување на роамингот

114

Вицепремиерот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економски ресори Кочо Анѓушев денес и утре во Белград учествува на дводневниот Самит на 100 бизнис лидери од Југоисточна Европа, на кој учествуваат над 200 најистакнати деловни лидери од Србија, Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија и претставници на државите од регионот.

– Главна тема на седмиот Самит на 100 бизнис лидери во Белград е дигиталната трансформација и изнаоѓање на начини за искористување на четвртата Индустриска револуција како отскочна даска за постигнување на квантен скок до развиен и глобално конкурентен регион – изјави на отварањето српската премиерка Ана Брнабиќ.

Истакна дека ова е огромна шанса за Србија и за целиот регион.

– Мислам дека не смееме оваа можност да ја испуштиме и затоа ова е еден од најважните приоритети на Србија – посочи Брнабиќ.

Таа додаде дека се работи на намалување на роамингот.

– Основана е Транспортната заедница за Западен Балкан, а во април идната година во Белград ќе се одржи Регионален дигитален самит со сите земји од регионот и тоа е една од иницијативите кои Србија ги презема од Македонија, која годинава ова го организираше. Продолжуваме да го развиваме регионот и да ги јакнеме сите врски – рече српската премиерка.

На саемот покрај вицепремиерот на Македонија Кочо Анѓушев кој ќе говори попладнево на панелот – Регионална соработка, предизвици и персепктиви, присуствуваат министерот за трговија, туризам и телекомуникации на Србија Расим Љајиќ и министерот за енергетика Александар Антиќ, потпретседателот на црногооското Собрание Бранимир Гвозденовиќ, министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Мирко Шаровиќ.

Самитот на 100 бизнис лидери е единствен собир во регионот, кој е замислен како платформа за деловно поврзување и конкретен придонес на бизнис лидерите во политичките напори за унапредување на економската соработка и конкурентноста на регионот.

На Самитот 100 запоочнати се проекти како што се Free Cargo и Зелена Балканика, кои треба да им помогнат на граѓаните и на економијата во секојдневниот живот.

– Сите сме сведоци на километарските колони за време на сезоната на годишните одмори, кога вистинската агонија е и да се помисли да се тргне на пат. Идејата ни е да се направи т.н. Шенген зона за карго и за подобар проток на сообраќај преку границите во регионот и тоа да влијае врз економијата – изјави на отваоањето претседателката на Српската асоцијација на менаџери Станка Пејановиќ.

Иницијатори за одржување на Самитот на 100 бизнис лидери се Српската асоцијација на менаџери (САМ), Здружението на менаџери на Словенија (ЗМ), Хрватското здружение на работодавачи (ХУП), Алкалоид од Македонија, Атлас фондацијата од Црна Гора, ББИ Банка и АСА холдинг од БиХ.

Првиот состанок се одржа во октомври 2011 година во Аранѓеловац, а претходниот шести Самит 100 се одржа во Скопје во октомври 2017 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...