Поп ѕвездата Мадона им се приклучи на Бразилките во кампањата против десничарскиот кандидат за претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, со тоа што на Инстаграм објави фотографија со трака селотејп преку устата.
Во пораката таа стави хаштаг Ele Nao („Не тој“ на португалски), кој стана препознатлив во кампањата која ја водат жените во Бразил против 63-годишниот кандидат.
Тие водат жестока кампања против него, а Фејсбук групата „Жените обединети против Босонаро“ има стотина илјада членови. Активистите планираат и национален протест против него.
Болсонаро е поранешен воен капетан и на анкетите во пресрет на изборите на 7 октомври води со 7 отсто. Ја ужива поддршката на 28 отсто од гласачите.
Голема огорченост кај јавноста тој постигна со неговите хомофобични, расистички и сексистички изјави. На пример, за една негова колешка рече дека е премногу грда што мажите не би ја ни силувале, а има изјавувано и дека жените и мажите не треба да земаат еднаква плата.
Политичките аналитичари сметаат дека токму женската кампања против него може да одигра клучна улога на изборните резултати.
Негов противкандидат е Фернандо Хадад, човекот кој го замени поранешниот претседател Луис де Силва кој заврши во затвор поради корупција.