Селото Пустец во областа Мала Преспа, лоцирано покрај брегот на Преспанско Езеро, ќе биде опфатено со проектот на албанската влада „100 села“, соопшти премиерот Еди Рама на средбата со жителите на плоштадот „Гоце Делчев“.
Рама рече дека со проектот Пустец ќе доживее многу значајна трансформација која ќе привлече повеќе туристи и апелира жителите да станат дел од проектот со нудење сместување за гостите.
– За оваа преубава област, со оваа средба, почнува процесот на трансформација. Ова е сигурен сигнал за она што сакаме да го направиме во однос на урбанистичко планирање и инфраструктурни теинвестиции – истакна Рама.
Тој упати апел до печалбарите и иселениците да инвестираат во нивните родни места, не само за економски да ги зајакнат селата, туку и за да остварат профит.
На средбата беше соопштено дека германската банка за развој одобрила 3,5 милиони евра за развој на Преспа.