Шпанскиот град Нарон во северозападниот дел од државата пред себе има тешка задача – жителите треба да ослабнат вкупно 100 тони.
Поради тоа, од менијата се исфрлени шунката, пржената храна и други калорични намирници. Во предизвикот се вклучиле 4.000 жители на градот, од вкупно 40.000 жители, од кои 12.000 се гојазни, а голем број имаат прекумерна тежина.
Тие 4.000 доброволци ќе бидат на интензивен режим на исхрана, додека кај другите тоа не е строго контролирано. Исто така, се воведува физичка активност за сите кои се приклучиле во проектот, персонализирана за секој поединец. Во центарот на градот се поставени и ваги за мерење.
Овој проект има за задача да ги мотивира граѓаните да внимаваат на своето здравје, како и да им даде до знаење дека вишокот килограми и гојазноста можат само да ги направат болни и ништо друго.