Ми претставува особено задоволство што ми припадна чест да се обратам на отворањето на изложбата „Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“, овде во Музејот на Современа Уметност во Скопје.Ова е уште еден настан кој изгради нов мост на соработка меѓу двете исклучително пријателски земји, Република Италија и Република Македонија, рече премиерот Зоран Заев на отворање на изложбата „Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“, во Музејот на современа уметност во Скопје.
– Италија е една од неколкуте земји во светот, што на човештвото му подарија многу од најзначајните културни артефакти и вредности. Низ историјата на нашата цивилизација нема ниту една генерација која не била инспирирана од бесценетата и исклучително богата културна ризница на Италија. Она што е специфично за оваа изложба е солидарноста која произлегува од една од темелните вредности на Европската Унија. Солидарноста толку дарежливо искажана од дури 200 италијански автори кои во најтешките моменти од современата историја на Скопје, за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година, на нашиот главен град му подарија 340 дела – рече Заев.
Тој додаде дека Меѓу првите донации беа делата на италијанскиот сликар Џузепе Сантомазо. Уметниците знаат за солидарност, и знаат дека еднаш воспоставени вредности остануваат трајна врска меѓу народите. Изложбата – „Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“ потсетува и на возвратниот гест на македонските уметници кога во 1964 година со своите дела како донации посакаа да ги ублажат болката и трагедијата на италијанските жители на Вајонт во близина на Венеција.
Министерот за култура Асаф Адеми рече дека е радосен што оваа изложба по својата вредност и концепција е пример кон она што целиме и во нашата Стратегија, а тоа е европеизацијата на македонскиот културен контекст.
– Да се биде дел од европското демократско семејство не значи напуштање на националните традиции и на посебните културни вредности. Напротив, тоа, значи на македонската култура да и’ се отворат европските и светските перспективи, а македонските граѓани во Европа и во светот да се чувствуваат природно, вклучено, креативно – рече министерот за култура Асаф Адеми.
Амбасадорот на Република Италија Карло Ромео истакна дека изложбата воспоставува не само со паралели и рефлексии на кои претходи не само трагичниот земјотрес и импулсот на солидарност кој следеше, туку ги претставува и генерално пријателските врски помеѓу Италија и Македонија и припадноста на двете земји кон заедничкиот европски културен koiné, кон заедничкиот културен јазик, кој е вистинската основа на интеграцијата меѓу народите и европските држави.