На патувањето кон Торино, Италија, на најголемиот меѓународен саем за храна – Тера Мадре Салон дел Густо, во полниот автобус со македонската делегација составена од активисти и членови на Слоу фуд, но и производители, готвачи и студенти, вниманието ми го привлече еден господин со елегантна бела брадичка и длабок и пријатен глас за кој излезе дека е познатиот актер од Пробиштип, господин Страшко Милошевски.
На патувањето, овој познат актер, но и голем вљубеник во природата и во храната, не можеше да избега ниту од театарот, па на враќањето накај Скопје, стана и изрецитира неколку стихови, а неговиот глас успеа да го замолчи целиот автобус преполн со распеани и развеселени патници. Сепак, на патувањето тој беше само еден од претставниците на Слоу Фуд Македонија, претседател и оснивач на осоговскиот огранок на оваа организација, но и производител на оцет од диви јаболки, оцет (или како што го нарекува самиот, балсамико) од модри сливи, ракија, и најдоброто и најинтересно од се – неговото откачено слатко од лути пиперки, познато како „Ем луто, ем слатко“.
Со него зборувавме во автобус, на враќање од Торино, многупати прекинувани од повиците на неговите пријатели да го земе микрофонот и да каже уште некој стих или барем да им се придружи во песната.
Сепак успеавме да слушнеме за почетоците на неговиот работен век, кој наместо во театар, отпочнал во рудник.
Повеќе за ова на порталот „Арт кујна“.