Јавното претпријатие за државни патишта и Државното претпријатие за патишта на Словенија-ДАРС ќе ја зголемуваат соработката, пред се во размена на искуства во примената на нови технологии, едукација и студиска посета на вработени и други активности поврзани со работењето на двете државни претпријатија.
Ова се предвидува со Меморандумот за соработка, кој денеска го потпишаа директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и Томаз Видич, директор на Државното пртепријатие за патишта на Словенија -ДАРС.
Како што информира Министерството за транспорт и врски, директорот Китанов, кој e во работна посета на Словенија, го посетил словенечкото државно претпријатие за патишта и се запознал со нивната работа и новите техологии кои ги применуваат.
– Разговараме за сите сфери од работењето на двете претпријатија, а посебно за новиот систем за наплата на патната такса кој се применува во Словенија и кој е иновативен во регионот. Сметам дека нивните искуства особено ќе ни помогнат во подобрување на капацитетите на нашето претпријатие – изјавил Китанов.