Европската унија се уште не знае што Британија навистина сака од преговорите за Брегзит, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.
Таа истакна дека договор за идните односи на Британија и ЕУ не смее да биде премноту недефиниран и повтори предупредување дека Лондон не може да бира само предности на единствениот европски пазар.
Според неа, декларацијата за идните односи мора да биде „што е можно поконкретна“ бидејќи планираниот 21-месечен транзициски период може да се покаже како прекраток за изработка на комплетниот договор за слободна трговија.
– Поигрување со времето исто така нема да им помогне на фирмите – изјави канцеларката.
– Не можете да припаѓате на единствениот европски пазар доколку само сакате да припаѓате на единствениот пазар во едно подрачје, но не и во трите преостанати – додаде таа.
Британија во март би требало да ја напушти ЕУ, но се уште не постигнала договор со ЕУ за условите за повлекување и за идните односи.