Сакам во Македонија да бидам уште 7 години и заедно со сите вас да влезам во Европската унија каде што ви се отвораат подобри можности за живеење, рече Штефан Пeтер, претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, на прес-конференција на која ги повика граѓаните да го искористат своето демократско права да излезат на гласање на референдумот во недела.
– Ако Македонците се залагаат за демократија, ако сакаат да ја планираат иднината на свој начин, а не некој да им ја планира, треба од неделното кафе и ручек, да искористат два часа и да гласаат. Не е важно како ќе гласате. Прво, важно е да излезете на гласање и активно да учествувате во демократијата. Потоа немојте да бидете себични и да рамислувате само за себе, туку размислете и за последиците од вашиот глас за иднината. За да функционира демократијата, мора да бидеме нација која учествува, а не само да набљудува. Оној кој не гласал, го губи правото да се жали – рече Петер.
Тој, како што рече, лично и како претседател на Советот за странски инвеститори сака да ја види Македонија интегрирана во Европската унија бидејќи со тоа ќе има подобар живот во земјата ќе има подобри деловни услови и за бизнисмените и за вработените. Но, додаде тој, негативниот исход од референдумот во недела за Македонците ќе донесе многу проблеми и можна изолација.
Според него, она што ќе се случува потоа е губење на кредибилитетот и довербата, пораст на миграцијата на младите и учените, исклучување од европскиот слободен пазар губење на поддршката од 1 милијарда евра, понисок извоз и увоз, губење на конкурентноста на фирмите, понизок рејтинг на државата, понестабилен банкарски пазар и можна дестабилизација на денарот.
– Една валута не може да преживее ако ја користи двамилионки пазар. На централната банка ќе ѝ бидат потребно многу подрастични мерки да ја одржува нејзината стабилност- рече Пeтер.
Според него, и по 30 септември, ако одлуката е не, нема да биде катастрофа, животот ќе продолжи, но како што рече, би сакал Македонија да живее во поповолни услови и да биде дел од Европската унија каде што ќе биде постабилна.
– Мотото на Европската унија е „обединети во различностите“, зарем ова мото не и прилега на Македонија – рече Пeтер.
Во Советот на странски инвеститори на Стопанската комора, активно учествуваат 136 инвеститори.