Еврокомисијата поднесе тужба против Полска пред Судот на ЕУ

Еврокомисијата воедно бара од Судот да издаде времени мерки против Полска до донесувањето на конечното решение по тужбата, со која се бара Варшава да одговара поради усвојувањето на Законот за Врховниот суд.

94

Европската комисија денеска поднесе тужна против Полска пред Судот на ЕУ поради „прекршување на начелото за независност на судската власт“.

Еврокомисијата воедно бара од Судот да издаде времени мерки против Полска до донесувањето на конечното решение по тужбата, со која се бара Варшава да одговара поради усвојувањето на Законот за Врховниот суд.

Според Комисијата, измените на Законот не се во согласност со барањата и препораките на ЕУ.

Со Законот се намалува старосната граница за пензионирање на судиите во Врховсниот суд од 70 на 65 години, со што 27 од 72-цата судии треба да заминат во пензија. Новите одредби за пензионирање во Законот го засегаат и актуелниот претседател на Врховниот суд, кој би требало да замине во пензија пред истекот на неговиот шестгодишен мандат.

Европската комисија бара од Судот на ЕУ да се произнесе по тужбата во најскоро можно време.

Брисел ги достави своите забелешки за законските измени до Варшава на 2 јули, со дополнителни препопраки испратени на 14 август, Одговорите на Варшава по двата документи, според оценките на Еврокомисијата, не ги отстраниле нејзините стравување во врска со почитување на независниста на судството.

Еврокомисијата и натаму смета дека Законот не е во согласност со правилата на ЕУ, бидејќи е во спротивност со одредбите за независноста на судската власт, вклучително и за несменливоста на судиите, со што Полска ги прекршува своите обврски од Договорот за Унијата и од Повелбата за фундаменталните права.

Комисијата уште лани во декември се закани со активирање на членот 7 од Договорот на Унијата, со што би се овозможило одземење на правото на глас на Полска во институциите на блокот.

Од тогаш полските претставници во два наврати беа сослушувани пред Советот на ЕУ, но тие останаа на својот став отфрлајќи ги забелешките на Европската комисија.

Последната одлука на Еврокомисијата следува откако во средата еврокомесарите на својата седница го разгледа прашањето за владеењето на правото во Полска, но не донесоа решение за покренување тужба против земјата пред Судот на ЕУ.

Еден ден претходно, ниту Советот на министри на ЕУ не донесе одлука за понатамошно продолжување на казнената постапката против Полска врз основа на членот 7 од Повелбата на Унијата.

– Се уште се надеваме дека е можно да дојдеме до договор со Варшава, изјави австрискиот министер за европски прашања Гернот Блимел, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Претходно, потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс изјави дека вестите од Полска „не се добри и дека времето истекува“.

– Од првото сослушување на Полска во текот на јуни, па досега, состојбата не е подобрена. Препораките на Комисијата не беа спроведени и започна процедурата за именување нови врховни судии во спротивност со европските заложби, нагласи Тимерманс.

Тој нагласи дека однесувањето на Варшава не укажува оти полските власти ги прифаќаат заложбите на Европската комисија.

– Се надевам дека за многу брзо време полската Влада ќе се изјасни дали ќе продолжи да ги почитува сите одлуки на Судот на ЕУ. Согласно случувањата ќе ги искористиме сите средства што ни се на располагање за да го направиме она што е потребно. Тоа е итно, нема време за губење, можно е случајот да биде упатен до Европскиот суд, изјави Тимерманс минатата недела.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...