МЕПСО започна со модернизација на трансформаторската станица „Дуброво“, при што ќе биде заменета со нова опрема што е во функција од 1977 година.
Проектот опфаќа замена на примарна опрема како прекинувачи, разделници, струјни и напонски мерни трансформатори, и ревитализација на секундарната опрема на 400 kV и на 110 kV напонско ниво која вклучува испорака и инсталација на системи за релејна заштита, далечински надзор и за управување како и системи за AC/DC развод и нов систем за мерење електрична енергија.
За реализација на овој проект на меѓународен тендер, лани за најповолен понудувач е избран конзорциумот: „Сименс“ Република Србија и „Сискон“, Република Македонија.
Вредноста на договорот е 4,6 милиони евра, а се финансира од сопствени средства на МЕПСО, од кредит од Европската банка за обнова и развој и од грант од Европската комисија.
Ревитализацијата на ТС „Дуброво“ планирано е да трае три години.
Реализацијата на овој проект ќе обезбеди зголемена сигурност и доверливост во работењето со високонапонската опрема, мониторинг во реално време, навремено детектирање и превенција на дефекти и оптимализација во управувањето со електропреносниот систем.
Трансформаторската станица „Дуброво“ од системски аспект е еден од најважните енергетски јазли во македонскиот електропреносен систем затоа што го поврзува најголемиот производствен капацитет РЕК „Битола“ со најголемиот конзумен регион Скопје.
Во оваа трансформаторска станица се вмрежуваат и интерконективните 400 киловолтни далекуводи кои нашиот систем го поврзуваат со електропреносните системи на Република Бугарија и на Република Грција.
Новиот среднорочен инвестициски циклус во преносната мрежа, кој е вреден над 70 милиони евра вклучува далекувод што ќе ги поврзе електропреносните системи на Република Македонија и на Република Албанија, изградба на нова 400/110 киловолтна трафостаница во близина на Охрид, реконструкција на четири трафостаници од преносната мрежа, набавка на системи за релејна заштита за уште четири други трафостаници и проекти за изградба на шест нови 110 киловолтни далекуводи во преносната мрежа.