Просечната месечна исплатена нето плата во јули изнесува 24 072 денари, објави Државниот завод за статистика.
Во однос на јули, минатата година просечната месечна исплатена нето-плата по вработен се зголемила за 6,2 отсто.
Ваквото зголемување, според статистика, се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: „рударство и вадење на камен“ (26,6 отсто), „информации и комуникации“ (15 отсто) и „објекти за сместување и сервисни дејности со храна“ (12,6 отсто).
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: „трговија на големо и трговија на мало“; „поправка на моторни возила и мотоцикли“ (3,8 отсто), „преработувачка индустрија“ (2,1 отсто) и „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ (1,2 отсто).
Според податоците на статистика на врвот на листата на највисоки плати е секторот „компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности“ каде што просечната плата изнесува 60.112 денари. На второ место е секторот „воздухопловен транспорт“ со просечна плата од 51.504 денари, а на третото секторот „финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови“ со 45.061 денари. Нешто пониски плати во јули исплатиле секторите „производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати“- 43.392 денари и „телекомуникации“ со просечна плата од 42.054 денари.