Компанијата „Кока-кола“ првпат во своето 130-годишно постоење ќе почне со производство на алкохолен пијалак, објави „Бизнис инсајдер“.
Во моментот команијата експериментира со производство на популарниот јапонски вид на алкохол „чу-хи“, кој се состои од ароматизирана газирана вода измешана со локалниот алкохолен пијалак наречен шочу.
Директорот на „Кока-кола“ во Јапонија , Хорхе Гардуњо изјави дека сѐ уште ја истражуваат можноста за производство на алкохолниот пијалак и дека „чу-хи“ е насоката кон која би се движеле.
„Чу-хи“ вообичаено содржи меѓу три и осум отсто алкохол и се смета за алтернатива на пивото, а е особено популарен кај жените.
– „Кока-кола“ секогаш била фокусирана на безалкохолните пијалаци, а овој потег е скромен експеримент за специфично подрачје од нашиот пазар, потенцира Гардуњо.
Засега не се знае кога ќе почне производството на овој пијалак, што ќе биде наменет само за јапонскиот пазар и најверојатно нема глобално да се шири.